Рускиот претседател Владимир Путин и шефовите на четири украински региони назначени од Москва ги потпишаа таканаречените договори за пристапување, со што овие региони стануваат дел од Русија.
Ова е сериозна ескалација по седуммесечните судири во Украина.
Четирите региони – Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје се делумно окупирани од Русија.
Путин претходно, во Кремљ, ја отвори церемонијата за започнување на процесот на припојување делови од Украина кон Русија, спротивно на меѓународното право.
На почетокот на говорот, Путин рече дека распадот на Советскиот Сојуз бил трагедија што се случила кога лидерите на Комунистичката партија одлучиле да го распуштат Советскиот Сојуз без да ги прашаат обичните луѓе.
„Луѓето што живеат во Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон сега стануваат граѓани на Русија“, рече Путин, зборувајќи за четирите украински региони кои делумно се под контрола на Москва.
„Тие избраа и Русија нема да ги предаде. Ќе ја браниме нашата земја со сите средства што ги поседуваме. Ова е голема ослободителна мисија на нашата нација“, рече Путин.
Церемонијата се одржува во раскошната бело-златна Сала на Свети Ѓорѓи во Кремљ.
Церемонија доаѓа три дена по завршувањето на референдумите оркестрирани од Кремљ за приклучување кон Русија, кои беа отфрлени од Киев и од Западот како сурова кражба на земја, одржани под закана со оружје и засновани на лаги.