Пендаровски: Државниот врв не разгледувал враќање на задолжителниот воен рок

Стево Пендаровски

Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој за МИА, во врска со неговиот став по вчерашната изјава на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој предложи враќање на задолжително служење на воениот рок, одговори дека државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина.

Македонската армија прославува 30 години од формирањето

„Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО, истакна шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили. Началникот на ГШ, генерал-потполковник Ѓурчиновски вчера во дебатниот магазин „Клик плус“ порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска. Тој смета дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри.