Ахмети: Во ДУИ има меѓучовечки односи кои не се добри

Архивска фотографија - лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска одржа средба со членовите на партиските ограноци од Чаир и Сарај, кои на 24 септември изјарија незадоволство против вицепремиерот Артан Груби.

Тој рече дека во партијата има меѓучовечки односи кои не се добри, но дека тоа не во целина, туку дека станува збор за одредени луѓе. Ахмети рече дека овие работи треба да се поправат.

„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, органоците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции, што е природно“, рече Ахмети.

Тој додаде дека средбата со ограноците од Сарај и Чаир поминала добро и дека ништо не е непоправливо, а според него средбите се конструктивни и треба да постои дебата.

„Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија“, рече Ахмети.

Инаку, партиските функционери на ДУИ на 24 септември изразија незадоволство против вицепремиерот Артан Груби.

Тие тоа го направија во писмо, кое меѓу другите беше потпишано од пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, поранешниот вицепремиер Муса Џафери, поранешниот министер за правда Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта и уште десетина членови.

Во писмото беше наведно дека во последните две години партиските органи на ДУИ не биле активни, а дека одлучувањето станало индивидуална сопственост и дека не се веќе добро организирана и структурирана партија.

„Во ДУИ веќе нема дебата и консултација со партиската база. Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Поради нефункционалноста на организираниот живот на ДУИ, констатираме дека има пад на поддршката за партијата (последните избори во Тетово). Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во писмото.

Ахмети денеска по средбата рече дека меѓучовечките односи се над се, а дека функциите доаѓаат и си одат.

„И во семејството имате кавги и никој не може да каже дека има идеални односи, но може да се случат и несогласувања. Но, да најдеме енергија да ги надминеме овие несогласувања бидејќи ни претстојат големи цели“, рече Ахмети.