НАТО изрази „длабока загриженост“ за штетата од гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, нарекувајќи ги инцидентите „намерни, непромислени и неодговорни акти на саботажа“.
Три истекувања, две во данската зона и едно во шведската зона, беа откриени претходно оваа недела во двата главни руски подводни цевководи дизајнирани за транспорт на природен гас во Германија, додека Шведска денеска соопшти дека нејзината крајбрежна стража пронашла и четврто истекување.
Европската унија соопшти дека протекувањето било предизвикано од „саботажа“, но се воздржа директно да ја префрли вината на Русија.
„Сите моментално достапни информации покажуваат дека ова е резултат на намерни, непромислени и неодговорни акти на саботажа“, се вели во денешното соопштение на Алијансата.
„Овие протекувања предизвикуваат ризици за превозот и значителна еколошка штета“, се вели во извештајот.
Кремљ на 29 септември соопшти дека се чини оти протекувањето е резултат на државно спонзориран „тероризам“.
Операторот на гасоводот „Северен тек А.Г.“, за Ројтерс денеска соопшти дека истекувањето на гас од Северен тек 1 најверојатно ќе биде запрено на 3 октомври.
Советот за безбедност на ОН ќе се состане на 30 септември за да разговара за инцидентот.