Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата вчера имала панична реакција како резултат на предлогот на опозициската партија за тоа како да се ублажат последиците од енергетската криза, која како што рече постепено се трансформира во економска криза. Според него, со планот на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија и топлина за граѓаните и индустријата без да има затворање на фирмите и отпуштање на работници. Владата, како што рече Мицкоски не покажала конструктивност за предлогот, туку премиерот Димитар Ковачевски организирал вонредна прес-конференција за ништо да не каже.
„Дополнителни количини на електрична енергија од домашно производство добиени со користење на евтин ресурс за стопанството и економијата да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места. Дополнителни количини на топлина за да може скопјани и сите корисници ан централното греење во главниот град Скопје да не плаќаат повисоки сметки за затоплување на нивните институции и домови. Заштеда од минимум 300 милиони евра, пари кои што оваа Влада ќе ги потроши во периодот кој што следи, кои што ги нема, а ќе ги земе преку скапи кредити“, рече Мицкоски.
Тој го повика Ковачевски на дебата и да избере, ден, време и медиум за да зборуваат што нуди ВМРО-ДПМНЕ, а што Владата. Мицкоски рече дека не е време за политиканство, туку е време за одговорност и како да им се помогне на граѓаните и стопанството.
„На дебата се зборува за концепти, Ние немаме што да криеме македонските граѓани заслужуваат да слушнат и да изберат“, рече Мицкоски на прашањето зошто не го повика Ковачевски на лидерска средба за да разговараат за енегетската криза.
На вонредна прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски синоќа изјави дека грејната сезона во Скопје ќе почне на 15 октомври и дека има пари за производство на топлина, а се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро да добие лиценца за управување со топланите во Скопје.
Според премиерот, ќе има и струја за домаќинствата и малите фирми кои се на регулиран пазар. Тој посочи дека тие добиваат сувенционирана струја која е пониска од берзанската.