Дел од средствата наменети за патни трошоци ќе бидат пренаменети за да се покријат високите сметки за електрична енергија, најави претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовниот брифинг со новинарите. Споредувајќи ги цените од претходната година тој укажа на тоа дека годинашните сметки за струја на законодавниот дом се зголемиле неколку пати повеќе во однос на ланските сметки, иако нема големи отстапувања во количествата на потрошена енергија.
„Ако во август претходната година сме плаќале 3, 61 денар по киловат час, цената за киловат час овој август изнесува 35. 31 денар или десет пати повеќе. Затоа пред да ни дојде фактурата за септември, се обратив до Министерството за финансии со барање дел од патните трошоци, дел од други работи во нашиот внатрешен буџет да го пренамениме за комуналии, за да може да излеземе на крај до крајот од годината. А во наредниот буџет ќе треба да видиме како ќе се движат работите и така да ги планираме средствата, вели Џафери.
Џафери истакна дека ги земале предвид укажувањата на Владата за штедење на струјата и дека веќе преземале мерки .
„Исклучен е системот за ладење во сите сали, освен во пленарната сала бидејќи таа нема пристап до природен воздух. По работното време проверуваме по канцеларии да не е заборавено нешто да се исклучи, минимално се користи осветлувањето, да може да се работи. Направивме процедура што и колку и како да се користи, извештајот е дека се почитува таа процедура која е пропишана во Собранието“, уверува првиот човек на Собранието.
Спикерот Џафери рече дека утре ќе биде закажана седницата на која најдоцна до полноќ треба да се гласа за владините одлуки за кризната состојба.
„Заклучно со утре треба да се изгласаат одлуките за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба. Утре сигурно ќе биде свикано продолжението, треба да видам со координаторите кога да ја закажам седницата. Дебата може да трае до полноќ но може да се случи и да истече денот без да имаме одлуки“, вели Џафери.
Тој ги повика сите пратеници да се однесуваат одговорно и да не ја злоупотребуваат својата функција, забележувајќи дека неколку комисии одржуваат расправи по десетина продолженија на кои се разправа само за една точка од дневниот ред. Џафери тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека во моментот брои 64 пратеници. Тој информираше дека иницијативата на партијата Левица за референдум за францускиот предлог уште не е доставена во Собранието.