Седница на Советот за безбедност на бугарската влада

Вршителот на должноста премиер на Бугарија Гулаб Донев

Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Гулаб Донев, за БНР изјави дека за денеска го свикал Советот за безбедност на Владата за да донесе конкретни одлуки и мерки и дека неговата земја е подготвена за реакција за новата ситуација во Украина по гласањето за приспојување на таа земја во Русија. Според Донев делумната мобилизација што ја најави претседателот на Русија доведува до ескалација на тензиите и до фактот дека земјите во Европа и оние кои се блиску до конфликтот помеѓу Русија и Украина, да не знаат до кога ќе продолжат воените дејствија и со каков интензитет.

Бугарија ги осуди референдумите во делови на Украина

Тој додаде дека Бугарија не ги признава таканаречените референдуми во четирите региони во јужна и источна Украина, наведувајќи дека постои ризик за националната безбедност на Бугарија, но оти „до овој момент нема директна воена закана“. Со Советот претседава премиерот на земјата и вклучува претставници на безбедносните служби. Во минатата недела претседателот на Бугарија, Румен Радев, одржа консултативен состанок на тема Украина, на кој учествуваше премиерот Донев и на кој се разговараше за ризиците со кои се соочува земјата и системите кои би можеле да бидат погодени од ескалација на руската инвазија врз Украина.