Ослободувањето на метанот - главната компонента на природниот гас што истече од два гасоводи, поставени на дното на Балтичкото Море, веројатно ќе биде најголемото ослободување на тој гас во атмосферата откако се правени мерења, велат експерти од Данска и САД. Подводното истекување на гас од оштетените цевководи „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ носи огромни количества метан во атмосферата, а како стакленички гас, метанот е поопасен од јаглерод диоксидот. Претставник на данската агенција за енергетика изјави дека сегашното испуштање е еднакво на една третина од годишните емисии на стакленички гасови од територијата на Данска.
НАТО и ЕУ предупредуваат на опасност по виталната инфраструктура по „саботажата“ на гасоводот
Се проценува дека во атмосферата би можело да се испушти пет пати повеќе метан во споредба со најголемата катастрофа со ослободување на метан досега, што се случи во кањонот Алисо во САД на крајот на 2015 година, кога повеќе од 97.000 тони гас истекоа од подземно складиште. „Кој го наредил ова, треба да му се суди за воени злосторства и да оди во затвор“, изјави Роб Џексон, климатолог од американскиот универзитет Стенфорд, за Асошиејтед прес. Испуштањето метан од оштетените цевководи, според проценките, ќе биде 778 милиони кубни метри гас. Научниците процениле дека тоа значи ослободување на околу половина милион метрички тони метан. За споредба, катастрофата во кањонот Алисо ослободи меѓу 90.000 и 100.000 метрички тони метан. „Една работа е конзистентна во овие проценки. Ова е катастрофално за климата“, оцени хемискиот инженер Ендрју Бакстер, кој работел во гасната индустрија и сега е екологист во данската организација EDF