Функционерите нема да јадат морска храна и апетисани на државна сметка

Премиерот забранил да се набавува и да се користи морска храна, бадеми и лешници во рестораните и бифеата на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР). Тука спаѓаат рестораните и бифеата во Владата, министерствата, кај претседателот на државата, секретаријати и други стручни служби и Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Парите наместо за посочените продукти ќе бидат насочени за финансиска поддршка на најранливите категории граѓани со ниски примања, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција посветена на мерки и одлуки за енергетската криза.

Тој одговараше на новинарски прашања во врска со објавите во некои медиуми дека Владата набавува морски плодови за 20.000 евра, а ќе плати и 270.000 евра за одржување на зеленилото. Премиерот рече дека имало соопштение од СОЗР според кое, се работи за рамковен договор кој не се однесува само на Владата, туку се однесува на сите ресторани на СОЗР, дополнително и на претседателот на Собранието и на претседателот на државата.

Премиерот најави и дека наскоро граѓаните ќе може да ги видат сметките за учеството на саемот „Винска визија на Oтворен Балкан“, откако ќе бидат обработени фактурите.

Радио Слободна Европа претходно пишуваше дека за тендерот за Саемот за вино во Белград на кој присуствуваа половина министри од владиниот кабинет се издвоени речиси 400 илјади евра.

Во сумата, вели премиерот, е вклучена и поддршката на нашите винарии кои беа на Саемот и рекламите на три јазика.
Во однос на Македонската вечер на Саемот во Белград, премиерот истакна дека е задоволен што земјава била претставена не само пред земјите од Отворен Балкан, туку и пред многу други.