Ковачевски: парното на време, училиштата со поевтина струја - ВМРО- ДПМНЕ жали што не им е прифатена понудата за поевтина струја

Грејната сезона во Скопје ќе почне на 15 октомври, има пари за производство на топлина, а се очекува Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро да добие лиценца за управување со топланите во Скопје. Основните и средни школи и болниците ќе добиваат поевтина електрична енергија, соопшти вечерва на вонредна прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Ги повика Град Скопје, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност набрзо да дадат позитивно мислење за лиценцата со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите.

Ковачевски рече дека, според член 6 од Законот за енергетика, државата ќе плаќа закуп за топланите, кои се во сопственост на фирмата Адора, која не сакаше да ги изнајмува, туку да ѝ ги продаде на државата.

Поради високите сметки за енергија во прашање беше работата на школите, но сега тие ќе бидат на регулиран пазар на струја, односно ќе плаќаат струја по цена што ја плаќаат и граѓаните. Болниците, пак, ќе добиваат поевтина струја од берзанската.

Ќе има и струја за домаќинствата и малите фирми кои се на регулиран пазар. Тие добиваат сувенционирана струја која е пониска од берзанската.

„Секој киловат час заштеда електрична енергија значи заштеда на нашиот буџет . Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа. Сега е време на штедење и тоа штедиме за да имаме електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.

Утре во Собранието треба да се одржи седница на која се предвидени пратенички прашања. Премиерот апелираше со пратениците првин да се изгласаат законите за пари од ЕБРД за справување со кризата, потоа Законот за нафта и нафтени деривати и да се усвои предлогот за продолжување на кризната состојба во енергетиката.

Во Собранието денеска заврши комисиската расправа за продолжување на кризната состојба во енергетиката. Предлогот е таа да се продолжи и во следните шест месеци, односно до крајот на април следната година.

Видете и ова: Србија ќе ни дава гас, а ние на нив струја

Ковачевски рече дека се водат преговори за набавка на гас од Србија по пониски цени од берзанските. Во однос на неизвесноста дали Србија смее да го продава тој гас што по пониски цени го набавува од Русија, Ковачевски рече дека договорот сè уште не е готов, зашто Србија проверува што смее да прави. Ковачевски вели дека не се работи за купопродажба на гас од Србија, туку за размена на гас за електрична енергија која ќе се произведе во Македонија. Односно Македонија ќе го плати тој гас со струја.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ги понуди контактите кои ги има тој и неговата партија преку кои би можело да се набават енергенси за производство на струја, но и струја за да се обезбеди непречено максимално производство на домашните капацитети. Со тоа би се обезбедиле поевтина струја за бизнисот и би се заштедиле пари во буџетот. Мицкоски рече дека на тој начин може да се обезбеди струја за индустријата двојно поевтина од берзанската. Мицкоски тврди дека може да се обезбеди доволно мазут за потребите на ТЕЦ Неготино и гас за ТЕ-ТО кои потоа дел од струјата би му ја продавале на бизнисот.

Премиерот за енергетскиот план на Мицкоски вели дека опозицискиот лидер направил добар сублимат од тоа што премиерот и владиниот економски тим го кажуваат на прес-конференции.

По пресот на Ковачевски од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека „жалат што Ковачевски не смогна сили да се надмине себе си и не ја прифати понуда на Мицкоски за поевтина струја за половина од актуелната цена и да го обезбеди бизнис секторот заштитувајќи го стандардот на граѓаните и зачувувањето ма работни места“.

Од партијата му замерија на премирот што, како што велат, пратеничките прашања ги условува со седница за договор за нов заем.