Политика, струја и владици
МАКЕДОНИЈА - Верниците повеќе да штедат струја побара денеска министерот за економија Крешник Бектеши и од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ- ОА), г.г. Стефан.
МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА - Македонија може да набави гас од Србија по цени три до четири пати пониски од берзанските доколку се потпише договор со соседната земја, рече вечерва министерот за економија Крешник Бектеши. Тој вели дека земјава преговара со „Србија гас“, а не со „Газпром“. За возврат Македонија ќе и излезе во пресрет на Србија за струја, односно ќе го снабдуваме соседот по попристојна цена, како што тече Бектеши.
ЕУ - Европскиот парламент ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија. Ова се наведува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, во кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.
МАКЕДОНИЈА - Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири сведочеше денеска на судењето за случајот „Софтвери“, каде првообвинет е неговиот претходник на местото ген-сек на Влада, Драги Рашковски.
ЕУ - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи нов сет санкции за Русија. Ваквата најава следи по таканаречените референдуми во четири украински региони за приклучување кон Русија, што од страна на Западот и Обединетите нации беше наречено измама, оти се незаконски според меѓународното право.
МАКЕДОНИЈА - Јавните претпријатија кои се под Град Скопји добија вршители на должноста директор, соопштија од Град Скопје. Претходно директорките места на неколку јавни претпријатија во Град Скопје за останаа празни, откако директорите си поднесоа оставки. Оставките уследија откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска отпушти двајца в.д функционери, директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод“ Златко Пирински и генералниот секретар на Град Скопје Ѓоко Велковски. Разрешените директори и дел од тие кои потоа си дадоа оставки се кадар од ВМРО-ДПМНЕ.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, сака прво да ја види иницијативата за референдум на партијата Левица, па потоа ќе коментираа. „Нека дојде во Парламент, па ќе коментираме“, рече Мицкоски, кој денеска беше на средба со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел крај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска. До ова доаѓа само еден ден пред да пристигне во Сеул потпретседателката на САД, Камала Харис. По посетата во Јапонија, Харис утре треба да пристигне во главниот град на Јужна Кореја и да ја посети силно утврдената демилитаризирана зона меѓу двете Кореи. Лансирањето се случи два дена откако Јужна Кореја и американските сили започнаа воена вежба во водите во близина на источниот брег на Југот, во која учествува и американски носач на авиони.
БЕЛГИЈА - НАТО и Европската унија денеска ја истакнаа потребата да се заштити критичната инфраструктура по, како што ги нарекоа актите на „саботажа“ на гасоводите „Северен тек“, а Брисел предупреди на „силен и обединет одговор“ доколку има повеќе напади. Додека гасот продолжи да истекува во Балтичкото Море, не е јасно кој би можел да стои зад истекувањата или каква било лоша игра, доколку се докаже, на гасоводите Северен тек за кои Русија и европските партнери потрошија милијарди долари.
ПОЛСКА - НАТО треба да одговори на можната употреба на руското нуклеарно оружје во Украина со конвенционален, но деструктивен напад, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во интервју за американската телевизија NBC News. „Претседателот на Русија Владимир Путин се заканува со употреба на тактичко нуклеарно оружје на територијата на Украина и не го напаѓа НАТО, што значи дека НАТО е должен да одговори на конвенционален начин, но на таков начин што одговорот ќе биде поразителен и мислам дека ова е сигналот што НАТО сега го испраќа во Русија“, рече Рау.
ИРАН - Обединетите нации денеска го повикаа Иран да не користи „непотребна или прекумерна сила“ против демонстрантите кои се борат за правата на жените во земјата. „Сè повеќе сме загрижени од извештаите за зголемен број смртни случаи поврзани со протести, вклучувајќи жени и деца“, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик. Тој повика на „брза, непристрасна и ефикасна истрага“ за смртта на Махса Амини, која беше убиена од моралната полиција во Иран поради наводно неправилно носење хиџаб.
УКРАИНА - Руските ракетни напади врз вториот украински град Харкив во текот на ноќта погодија железничка станица и предизвикаа прекина на струјата вокај повеќе од 18.000 домаќинства, соопштија денеска украинските власти. Гувернерот на Харкив Олех Синехубов изјави дека руските сили истрелале ракети С-300, дизајнирани како противвоздушно оружје, но сега често се пренаменети да ја погодат цивилната инфраструктура во украинските градови. Нема информации за жртви. Тешките борби продолжуваат и во регионот Керсон, соопшти британското Министерство за одбрана во дневниот разузнавачки билтен.