Гужви на руско-грузиската граница, Северна Осетија го ограничи влезот на автомобили

Контролниот пункт Горен Ларс на руско-грузиската граница.

Северна Осетија воведе ограничувања за автомобилите што пристигнуваат од други делови на Русија, откако егзодусот на возрасни мажи кои се воено способни резултираше со долга колона возила на оддалечениот граничен премин со Грузија.

Северна Осетија е автономна република во составот на Руската федерација и граничи со Грузија.

Сергеј Мењаило, гувернер на Северна Осетија, на 28 септември рече дека ограничувањата се воведени во рускиот регион Северен Кавказ бидејќи нема да може да се обезбеди ред и безбедност доколку колоната продолжи да расте.

„Ограничувањата се однесуваат на граѓаните кои се регистрирани во војската не само во Северна Осетија, но и граѓаните во други региони на земјата“, напиша Мењаило на социјалната мрежа Телеграм откако ги воведе ограничувањата со декрет.

Мењаило одлуката за ограничување на влезот ја нарече „присилна мерка“ поврзана со „огромната количина транзитен сообраќај“ и редицата долга многу километри на контролниот пункт Горен Ларс на руско-грузиската граница.

Исклучок ќе биде направен само за жителите на Северна Осетија, грузискиот отцепен регион Јужна Осетија и Грузија, и туристите кои ги имаат потребните документи.

Мобилните оперативни групи веќе работат на влезовите во Северна Осетија и на влезот во контролниот пункт Горен Ларс за да проверат дали оние што влегуваат подлежат на регрутирање.

Претставниците на воените канцеларии за регистрација и упис во оперативните групи имаат општи списоци на регрути од Министерството за одбрана, рече Мењаило.

Властите на Северна Осетија на 27 септември објавија дека е создадена привремена канцеларија која издава нацрт-документи на резервистите кои се обидуваат да ја напуштат Русија, пркосејќи на наредбата за мобилизација.

Десетици илјади мажи, воено способни, ја напуштаат Русија откако претседателот Владимир Путин минатата недела објави делумна воена мобилизација. Грузија е една од најпопуларните дестинации, оти во државата им е дозволено на Русите да останат без виза до една година. ,

Нема директни летови меѓу Русија и Грузија, а преминот Горен Ларс, кој минува низ оддалечен планински премин, е единствениот оперативен премин меѓу нив.

Гужвата кај Горен Ларс на 28 септември се протегаше на повеќе од 20 километри. Луѓе чекаат и по два дена за да преминат граница.

На 27 септември грузиското Министерство за внатрешни работи објави дека бројот на камиони и автомобили кои чекаат да ја преминат границата пораснал на 5.500.

Како одговор на огромниот сообраќаен метеж, на руските граѓани им беше дозволено пеш да ја преминат границата кај Горен Ларс и покрај тоа што граничниот премин не е наменет за тоа.

Пред Путин да ја објави воената мобилизација околу 5.000 до 6.000 руски граѓани секојдневно преминувале во Грузија преку Горен Ларс. Сега дневниот прилив на Руси е околу двапати повеќе, изјави грузискиот министер за внатрешни работи Вахтанг Гомелаури. Грузија не планира да воведе ограничувања за Русите.

Грузиските власти на 28 септември ги осудија и таканаречените референдуми што се одржаа на четири територии во Украина, окупирани од Русија.