Верниците повеќе да штедат струја побара денеска министерот за економија Крешник Бектеши и од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ- ОА), г.г. Стефан.
На 19 септември Бектеши се сретна и со поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) за да разговараат за кризата и да побара помош за верниците да штедат струја.
„За нас е важна поддршката од верските заедници во државата со цел да се подигне свеста кај граѓаните во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг од електрична енергија, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани“, кажа министерот Бектеши.
Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната седмица, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за потребата од штедење.
Во земјава на крајот од месецот истекува кризната состојба во енергетиката. Во тек е собраниска процедура таа да се продолжи за уште шест месеци, до крајот на април следната година.