Европскиот парламент ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија.
Ова се наведува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, во кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.
Во нацртот извештајот европратениците вклучија и финансиска условеност.
Понатамошната финансиска поддршка за Србија, како што се наведува во текстот, би била условена од односот на Белград кон Москва, но и со напредокот во демократијата, владеењето на правото и „прифаќањето на вредностите и приоритетите на ЕУ“.
Пратениците на Европскиот парламент ќе расправаат за нацрт-извештајот на Комитетот за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацртот ќе биде во форма на резолуција на Европскиот парламент, на гласање што се очекува во ноември.
Резолуциите на Европскиот парламент не се правно обврзувачки за земјите-членки или за другите европски институции.
Европските социјалдемократи, втората по големина група во Европскиот парламент, веќе најавија дека сметаат дека ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија.
Од почетокот на војната во Украина, ЕУ редовно бара од Србија да воведе санкции кон Русија во согласност со одлуките на Унијата.
Земјите кандидати за членство во ЕУ треба постепено да ги усогласуваат своите надворешни политики со оние на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите.
Србија е единствената земја во регионот која не воведе санкции кон Русија, додека другите земји од Западен Балкан ја усогласија целата своја политика со политиката на ЕУ.