Јавните претпријатија кои се под Град Скопји добија вршители на должноста директор, соопштија од Град Скопје.
Претходно директорките места на неколку јавни претпријатија во Град Скопје за останаа празни, откако директорите си поднесоа оставки. Оставките уследија откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска отпушти двајца в.д функционери, директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод“ Златко Пирински и генералниот секретар на Град Скопје Ѓоко Велковски. Разрешените директори и дел од тие кои потоа си дадоа оставки се кадар од ВМРО-ДПМНЕ.
Директорите во оставките посочија на лоша соработка со градоначалничката и немањето на слух од нејзина страна за проектите.
Отказите и оставките следуваат по несогласувањата меѓу градоначалничката и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која и ја даде поддршката на Арсовска за време на локалните избори.
„Со ЈП Лајка назначена е да раководи Радмила Пешева, со ЈП Улици и патишта Саид Саид. На в.д директорската позиција во ЈП Паркинг назначен е Крсте Петревски, во ЈП Паркови и зеленила Реџепи Зухејр, а на ЈП Дрисла назначен е Александар Кузинаков. Во ЈП Комунална Хигиена продолжуваат со раководство Косана Мазнева, со ЈСП Александар Стојковски и ЈП Водовод Марјан Митевски“, стои во соопштението од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека новите в.д. директори ќе имаат обврска и одговорност во следните шест месеци да ги спроведат неопходните реформи за да се консолидираат претпијатијата за да може да се справат со економската и енергетската криза.
Тие ќе треба да штедат, да намалат трошоци и да не дозволат луѓе кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства, наведува Град Скопје.