Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, сака прво да ја види иницијативата за референдум на партијата Левица, па потоа ќе коментираа.
„Нека дојде во Парламент, па ќе коментираме“, рече Мицкоски, кој денеска беше на средба со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.
Мицкоски на 16 септември во изјава за медиумите при посета на Штип најави поддршка на иницијативата на Левица за референдум за поништување на Договорот со Бугарија.
„Секоја иницијатива, којашто е во насока на тоа што ние го бараме, ќе ја поддржиме“, изјави тогаш Мицкоски.
Левица најави нова иницијатива за референдум, откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја отфрли претходната поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија.
Левица, која има двајца пратеници во Парламентот, денеска поднесе предлог за распишување референдум до Државната изборна комисија.
Референдумско прашање е „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“.
И од владејачката партија СДСМ сакат прво да го разгледаат предлогот на Левица, па да го кажат ставот.