Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел крај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска. До ова доаѓа само еден ден пред да пристигне во Сеул потпретседателката на САД, Камала Харис. По посетата во Јапонија, Харис утре треба да пристигне во главниот град на Јужна Кореја и да ја посети силно утврдената демилитаризирана зона меѓу двете Кореи. Лансирањето се случи два дена откако Јужна Кореја и американските сили започнаа воена вежба во водите во близина на источниот брег на Југот, во која учествува и американски носач на авиони.
САД и Јужна Кореја започнаа заеднички поморски вежби
Во неделата, Северна Кореја истрела уште една балистичка ракета кон морето во близина на нејзиниот источен брег. Во говорот неколку часа претходно на разурнувачот УСС Хауард во јапонскиот град Јокосука, Харис рече дека лансирањето ја загрозува регионалната стабилност и крши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН. Од 2006 година, Северна Кореја е предмет на санкции на ОН, кои Советот за безбедност постојано и едногласно ги засилува во текот на годините за да го прекине финансирањето на нејзините програми за нуклеарно оружје и балистички ракети. Северна Кореја ги отфрла резолуциите на ОН како прекршување на нејзиното суверено право на самоодбрана и истражување на вселената.