Продолжува комисиската расправа за состојбата во енергетика

Електрична централа

Денеска, шести ден, ќе продолжи дебатата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност за предлог-одлуките за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. По завршувањето на расправата во матичната собраниска Комисија, пратениците на пленарна седница ќе треба да гласаат за продолжување за уште половина година на кризната состојба во енергетиката, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Ковачевски вели дека Владата има јасен план за справување со енергетската криза

Вчера Владата донесе одлука за одобрување 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за набавка на енергенси, ликвидно работење и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје во текот на претстојната грејна сезона. Владата уверува дека има многу јасен план за справување со енергетската криза, преку ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола и ставање во функција на ТЕЦ Осломеј. Од вчера во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, со производство на електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а тимови на експерти веќе работат на пуштање и на вториот котел.