Од Ламбе Алабакоски до Путин

МАКЕДОНИЈА - Од Алијанса за Албанците денеска соопштија дека вицепремиерот Артан Груби ги потврдил пишувањата во медиумите дека Јавното претпријатие за државни патишта го доделило тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 на компанија со руски капитал. Конзорциумот избран за овој тендер, како што наведуваат од опозициската партија, бил предводен од Институтот ИГХ со седиште во Загреб, а е во сопственост на руски олигарси блиски до владата на Владимир Путин и руската ФСБ.

УКРАИНА / РУСИЈА - Официјални лица поддржани од Русија соопштија дека гласачките места во четирите украински региони Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје кои се делумно окупирани од Москва се затворени. Гласањето на таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација траеше пет дена, при што имаше тврдења на некои од локални власти дека гласачите биле под закани и принудени да гласаат.

МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната седница одобрила средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје. На седницата била донесена одлука, како што се наведува во соопштението, за одобрување на 1,1 милијарда денари или речиси 18 милиони евра за набавка на енергенси, пред почетокот на грејната сезона, на АД „Електрани на Северна Македонија“.

БУГАРИЈА - Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска го осуди „јавното сквернавење на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Северна Македонија во Скопје“. „Говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје претставува недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и јасно е во спротивност со европските принципи и норми на однесување“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

МАКЕДОНИЈА - Пејачот Ламбе Алабаковски кој беше обвинет за потпалувањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола е осуден на условна казна затвор од шест месеци, потврди за РСЕ неговиот адвокат, Дарко Стефановски. Казната, како што наведува Стефановски, нема да се реализира доколку во следните 2 години, Алабаковски не стори ново кривично дело.

УКРАИНА - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска побара од Европската унија да воведе дополнителни економски санкции кон Русија за да ја казни за таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација. Тој рече дека потезите на Москва нема да ги променат дејствата на Украина на бојното поле.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изјави дека ќе има леб, брашно, млеко и зејтин. „Обезбедуваме доволно храна за сите граѓани“, истакна Николовски на прес-конференција.

ДАНСКА - Данската премиерка Мете Фредриксен денеска изјави дека не може да ја исклучи саботажата по забележаните случаи на истекување на нафтоводите Северен тек еден и два што треба да транспортираат руски гас под Балтичкото Море кон Европа. Таа ова го кажа откако вчера и денеска се забележани симултани проблеми на двата гасовода. Претходно денеска Кремљ изрази загриженост за истекување на тие гасоводи, додавајќи дека не треба да се отфрли никаква можност, вклучително и саботажа.

РУСИЈА - Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека привела и наредила протерување на јапонски дипломат во источниот град Владивосток поради сомневање за шпионажа, откако конзулот, наводно, побарал „ограничени“ информации. Се наведува дека дипломатот бил фатен како прима информации за економските ефекти од западните санкции, во замена за „парична награда“.

МАКЕДОНИЈА - Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола, ставање во функција на ТЕЦ Осломеј, а од утрово во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, изјави денеска во Скопје премиерот Димитар Ковачевски.