Бугарското МНР: Говорот на омраза на стадионот во Скопје спротивен на европските принципи

Седиштето на бугарското МНР.

Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска го осуди „јавното сквернавење на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Северна Македонија во Скопје“.

„Говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје претставува недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и јасно е во спротивност со европските принципи и норми на однесување“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Истовремено, од бугарското МНР, повикуваат на „решителни и неповратни чекори на официјалните власти во Скопје за искоренување на антибугарската агресија на јавниот простор на државата“.

Од министерството потсетуваат дека со Договорот од 2017 година и билатералните протоколи потпишани во 2019 и 2022 година, двете земји категорично се залагаат за преземање ефективни мерки против говорот на омраза.

„Зачувувањето на напредокот постигнат во последните месеци во политичкиот дијалог бара ваквите настани засекогаш да станат минато. Само во овој дух двете земји ќе можат да отворат нова страница во односите, засновани на меѓусебно почитување и добрососедство“, се посочува во соопштението на министерството.

Од македонското МНР претходно упатија јавна реакција и осуда за, како што посочија, вчерашниот израз на говорот на омраза на фудбалскиот натпревар.

„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“, соопштија од МНР.

Северна Македонија и Бугарија, како што наведоа од министерството, и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи.

Македонската фудбалска репрезентација вчера беше поразена од Бугарија со 1:0 на последниот натпревар во групата од УЕФА Лигата на нации.