Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс изјави дека санкциите се важна алатка за искоренување на корупцијата во земјите од Западен Балкан. Неговата изјава следи откако вчера Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии ја стави на „црната листа“ шефицата на Обвинителството во Босна и Хергцеговина, Дијана Кајмаковиќ.
Прајс рече дека една од целите на САД на Западен Балкан е да соработуваат со владите во борбата против корупцијата.
„Санкциите ќе останат важна алатка, но не и единствена важна алатка кога станува збор за регионот и нашата цел. Ние ја споделуваме таа цел со владите и жителите на овој регион, а тоа е искоренување на корупцијата“, рече Прајс.
Кајмаковиќ, според соопштението, е ставена на „црната листа“ на САД поради континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во БиХ.
Кајмаковиќ е последна во низата функционери во БиХ и другите земји од Западен Балкан кои беа санкционирани од САД. Во април оваа година, САД воведоа санкции против седум лица за кои рекоа дека се вмешани во корупција.
Меѓу нив има двајца државјани на Албанија, двајца функционери од БиХ, еден од Црна Гора и двајца од Северна Македонија, поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.