Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска побара од Европската унија да воведе дополнителни економски санкции кон Русија за да ја казни за таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација. Тој рече дека потезите на Москва нема да ги променат дејствата на Украина на бојното поле.
Кулеба, говорејќи по разговорите во Киев со француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона, рече дека личните санкции нема да бидат доволни како казна за референдумите, за кои рускиот претседател Владимир Путин тврди дека треба да ги „спасат луѓето“ во тие региони.
Европската унија претходно соопшти дека планира да го следи примерот на Британија и да воведе санкции за организаторите на „нелегалните, нелегитимни референдуми“.
Последниот од петте дена на таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација се одржува денеска во четири украински региони делумно окупирани од Москва, гласање кое Украина, Западот и Обединетите нации ги отфрлија како лажно, бидејќи е незаконско според меѓународното право.