Ангела Прајс Агелер на церемонија во Стејт департментот, положи заклетва како нова амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, објави на фејсбук Американската амбасада во Скопје.
„Амбасадорката Агелер е дипломат од кариера на Високата служба за надворешни работи, а до неодамна беше заменик-шеф на мисијата на САД во Пакистан каде што служеше како привремена в.д. амбасадорка. Претходно работеше и како советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, а извршуваше работни задачи и во Скопје, Њу Делхи, Ханој и Вашингтон“, се наведува во објавата на Американската амбасада.
На Сенатската комисија за надворешни работи кога Агелер имаше сослушување за нејзината номинација, најави дека ќе работи „да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.
Ова не е прв ангажман на Агелер во Македонија, бидејќи претходно во нејзината дипломатска кариера таа била ангажирана и како претставник за односи со јавноста во Американската амбасада во Скопје.
Во нејзината биографија се наведува дека зборува македонски, француски и делумно хинду јазик. Агелер доаѓа на местото на Кејт Мари Брнз, која ја извршува функцијата амбасадорка на САД во Скопје од 2019 година.