Данската премиерка Мете Фредриксен денеска изјави дека не може да ја исклучи саботажата по забележаните случаи на истекување на нафтоводите Северен тек еден и два што треба да транспортираат руски гас под Балтичкото Море кон Европа. Таа ова го кажа откако вчера и денеска се забележани симултани проблеми на двата гасовода. Претходно денеска Кремљ изрази загриженост за истекување на тие гасоводи, додавајќи дека не треба да се отфрли никаква можност, вклучително и саботажа. „Ние сме крајно загрижени за веста“, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. На новинарското прашање дали е можно да се работи за саботажа, тој одговори дека не може да се исклучи ниту една опција.
Шведска издаде предупредување за две истекувања на гас на гасоводот Северен тек 1
Шведските власти денеска објавија дека се издадени предупредувања поради два случаја на истекување на гасоводот „Северен тек 1“ во шведските и данските води, ден откако беше пријавено истекување на гасоводот „Северен тек 2“. И двата гасоводи моментално не работат, но во цевките има гас. Данска веднаш ја стави во состојба на готовност својата енергетска инфраструктура, со оценка дека се уште е рано да се каже кои се причините за тие симултани инциденти. Властите се обидуваат да ја утврдат причината за мистериозните истекувања и падот на притисокот во гасоводите. Данскиот премиер зборуваше на отворањето на новиот гасовод што ја поврзува Норвешка со Полска.