Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола, ставање во функција на ТЕЦ Осломеј, а од утрово во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, изјави денеска во Скопје премиерот Димитар Ковачевски. Првиот котел на ТЕЦ Неготино, Ковачевски посочи дека веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот треба да се искачи до 85 мегавати, додека тимови на експерти, веќе работат на пуштање и на вториот котел. Ковачевски, исто така, рече дека се работи постојано и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција.
Скапата струја ризик за затворање на училиштата - владата анализира, родителите во паника
За финансирањето на сето ова, тој рече дека веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд – ММФ, но оти се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток. „Во оваа работа нема политика и дневно политички поени и апелирам до пратениците од опозицијата, што побрзо и без никакви уцени, да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ“, рече Ковачевски.
Битиќи: Граѓаните да бидат спокојни, топлинска енергија ќе има
Во однос на Скопје, премиерот рече дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО. „Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта. За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.