Казахстанскиот претседател Касим-Жормарт Токаев денеска изјави дека неговата земја ќе ги заштити Русите кои бегаат во Казахстан за да избегаат од сегашната мобилизација во Русија. „Последниве денови многу луѓе доаѓаат кај нас од Русија. Повеќето од нив се принудени да си заминат поради безизлезната ситуација“, рече Токаев, додавајќи: „Треба да се грижиме за нив и да се погрижиме да бидат безбедни“. Токаев е сојузник на Москва, но се огради од Кремљ од почетокот на руската офанзива во Украина.
Русија не ги затвора границите за да спречи бегство од воена мобилизација
Казахстанскиот претседател, исто така, повторно го осуди конфликтот во Украина и повика на почитување на територијалниот интегритет во време кога Русија организира референдуми во четири украински региони за приклучување кон Москва. „Територијалниот интегритет на државата треба да биде неотуѓив, тоа е клучен принцип“, рече тој. Поранешната советска република во Централна Азија, Казахстан, е сојузник на Русија и членка на економската и царинската унија со Русија, но исто така има добри односи со Западот и со Кина. Руската офанзива во Украина го зголеми стравот кај Казахстанците дека и тие би можеле да станат цел на руските амбиции, особено поради долгата граница со Русија и големото руско малцинство.