Тешки борби меѓу украинските и руските сили се во тек денеска во делови од источна Украина и североисточниот регион Харкив. Претседателот Володимир Зеленски рече дека источниот регион Доњецк останува главен стратешки приоритет на Украина со борби во неколку градови додека руските трупи се обидуваат да напредуваат кон југ и запад. Зеленски во своето ноќно видео обраќање рече дека воената ситуација во Доњецк е „особено тешка“. „Правиме сè за да ја задржиме непријателската активност. Ова е нашата цел број 1 во моментов, бидејќи Донбас сè уште е цел бр. 1 за окупаторите“, рече Зеленски. Регионалните власти во меѓувреме соопштија дека Русија извршила најмалку пет напади врз цели во регионот на Одеса, користејќи ирански беспилотни летала.
Зеленски: интензивните борби покажуваат „позитивни резултати“
Руски проектили го нападнаа аеродромот во Кривиј Рих во централна Украина, уништувајќи ја инфраструктурата и го направија аеродромот неупотреблив, изјави на Телеграм Валентин Резниченко, гувернер на регионот Дњепропетровск. Јужната команда на Вооружените сили на Украина на 27 септември денеска соопшти дека нејзината контраофанзива во југоисточниот регион Керсон резултирала со непријателски загуби на 77 војници, шест тенкови, пет хаубици, три противвоздушни инсталации и 14 оклопни возила. Тврдењето не можеше да се потврди независно. Борби се водеа и во регионот Харкив на североисток, кој беше цел на украинска контраофанзива овој месец. Украинските сили во меѓувреме продолжија со кампањата да ги оневозможат четирите моста и другите речни премини за да ги нарушат линиите за снабдување на руските сили на југ.