Иран ги отфрли западните критики за неговата акција во која загинаа десетици луѓе и доведе до најмалку 1.200 апсења откако избувнаа протести по смртта на 22-годишна жена во притвор за наводно кршење на правилата за облекување. Иранските правосудни претставници, исто така, рекоа дека формирале специјални судови за да им судат на демонстрантите, за кои тврдат дека биле „ангажирани од странство“. Групата Иран за човекови права со седиште во Осло вчера соопшти дека најмалку 76 демонстранти биле убиени, што е речиси двојно повеќе од бројот што го признаа иранските власти. Немирите се проширија во повеќе од 80 градови и падови, вклучително и во северозападниот дел на Иран каде што живеела Махса Амини која била претепана откако била уапсена од полицијата за морал во Техеран на 13 септември.
Иранскиот претседател вети истрага по смртта на приведената жена
Претходно истиот ден, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, повика на „многу брза“ дебата во Европската унија за нови санкции кон Иран во светлината на бруталноста на репресијата и наводната злоупотреба пред смртта на Амини. Таа рече дека Берлин го повикал иранскиот амбасадор во германското Министерство за надворешни работи. Официјални лица во Техеран ги обвинија западните непријатели и иранските елементи во странство за поттикнување на немирите, чиј официјален биланс на загинати е 41. Државните медиуми цитираат официјални лица дека бројот на уапсените е над 1.200.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, ги отфрли критиките на ЕУ како „интервенција во внатрешните работи на Иран и поддршка за немирите“. Шефот на иранското правосудство во главниот град Техеран, рече дека ќе бидат формирани специјални судови за да им се суди на „лидерите на вознемирувачите ангажирани од странство“.