Владици и политичари

РУСИЈА - Патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, им порача на своите следбеници дека „жртвата во извршувањето на воената должност ги измива сите гревови“. Коментарите на патријархот за време на неговата вчерашна неделна проповед доаѓаат во време на протести низ целата земја и зголемени критики поради неодамнешната најава на Кремљ за делумна мобилизација за надополнување на руските сили кои се борат во Украина.

МАКЕДОНИЈА - „Важно е Украина да победи во оваа војна, а Република Северна Македонија нема да признае манипулативни референдуми. Тие се манипулативни за да имаат алиби за своеволно анектирање на туѓи територии“, кажа Османи на денешниот брифинг за новинарите. Министерот Османи рече и дека тој нема да биде сменет, одговарајќи на прашања во врска со писмото со потписи од незадоволни членови на неговата матична партија ДУИ.

БИХ - Шефицата на Обвинителството во Босна и Хергцеговина Дијана Кајмаковиќ денеска е ставена на „црната листа“ на САД поради континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во Босна и Херцеговина.

АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Вашингтон пост“ оцени дека прекинот на дипломатските односи со Иран, поради сајбер-напади, „не е голема загуба“ за неговата земја. Тој вели дека „абанската Влада ќе размисли за обновување на односите со Иран само кога Иран ќе биде слободен”, бидејќи, како што рече, „Иран повторно ќе ја нападне Албанија”.

МАКЕДОНИЈА - Вештачењата и обдукцијата што биле направени на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше убиен пред ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје во раните утрински часови на 7 април покажуваат дека повредата на ‘рбетниот столб била смртносна. На денешното судско рочиште вештаците од Судска медицина изјавија дека обдукцијата покажала дека со таа повреда на ‘рбетниот мозок тешко дека ќе можел ракометарот да преживее.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Обединетото Кралство објави 92 нови санкции како одговор на властите поддржани од Русија кои воведоа „лажни референдуми“ во четири региони на Украина, велејќи дека потегот „е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и повелбата на ОН“.

ИРАН - Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести ширум Иран, предизвикани од смртта на 22-годишна жена која почина откако беше приведена во полиција поради наводно неправилно носење хиџаб, соопшти организација за заштита на човекови права.

МАКЕДОНИЈА - Скопјани ќе имаат парно, уверува Владата која тврди дека континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Но, во соопштението не е наведно кој ќе ги снабдува Скопјани со парно.

РУСИЈА - Рускиот портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Владата не планира да ги затвора границите за да спречи бегство од воена мобилизација. Ова го изјави затоа што десетици илјади автомобили со Руси кои бегаат, главно мажи, преминуваат во Грузија, Финска, Казахстан и Монголија, откако претседателот Владимир Путин најави делумна воена мобилизација за поддршка на тековната војна во Украина.

САД - Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил денеска изјави дека очекува до Србија да објасни каков документ за соработка потпишала со Русија, по разговорите во ОН во Њујорк. Ова денеска Хил го изјави на прес конференција по отворањето на регионалниот форум „ Добро управување и антикорупциски политики во време на геополитичка неизвесност“ . Тој посочи дека не е потполно јасно што содржи тој документ но „ во овој момент никој не треба да потпишува ништо со Русија“.

МАКЕДОНИЈА - Додека енергенсите драматично поскапуваат во пресрет на претстојната зима, многу граѓани во Скопје ќе се соочат со проблеми како да ги затоплат своите домови. Голем дел од овие граѓани живеат во сиромаштија и социјална исклученост и немаат пристап до струја или централно греење. Но, сепак тие не се најголеми загадувачи на главниот град, туку оние кои имаат најголеми примања, над 40 илјади денари месечно, главно поради нивните навики и количините кои ги конзумираат.
Ова се резултати добиени од истражување на граѓанската организација Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) насловено „Справување со загадувањето на воздухот преку минимизирање на енергетската сиромаштија и промовирање на про-еколошко однесување“, изработено со помош на УНДП и Шведската амбасада во Скопје.

РУСИЈА - Бројот на загинати по вооружениот инцидент во рускиот град Ижевск порасна на 13 откако уште тројца им подлегнаа на повредите. Меѓу загинатите има седум деца. Ранети се 21 лице од кои 14 се деца. Рускиот истражен комитет соопшти дека е идентификуван напаѓачот кој по нападот се самоуби. Станува збор за Артем Казанцев, маж на околу 30-годишна возраст, кој бил матурант во училиштето каде што го извршил нападот. Дел од локалните медиуми јавуваат дека вооружениот напаѓач носел маица со кукаст крст на неа.

ЈУЖНА КОРЕЈА / САД - Јужна Кореја и САД денеска ги започнаа своите први заеднички поморски вежби во последните пет години во близина на Корејскиот полуостров, еден ден откако Северна Кореја лансираше балистичка ракета со краток дострел. САД се воен сојузник на Јужна Кореја, каде што се стационирани околу 28.500 американски војници за да ја заштитат земјата од северниот сосед вооружен со нуклеарно оружје. Конзервативниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јол, кој дојде на власт во мај, се обидува да го зајакне тој воен сојуз по неуспешните напори на претходната јужнокорејска влада да постигне дипломатско зближување со Пјонгјанг.

УКРАИНА - Во Украина се откриени уште две масовни погребни места со тела на стотици луѓе во североисточниот град Изум, кој Киев го врати од Русија овој месец, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во интервју за Си-Би-Ес објавено доцна синоќа исто така повика на постојан притисок на санкции врз Русија, чии војници беа разбиени во североисточна Украина во молскавична контраофанзива овој месец. Руските власти веднаш не го коментираа тврдењето на Зеленски за откривање на уште две погребни места. Москва редовно негира дека извршила злосторства во војната во Украина или дека цели на цивили.

КОСОВО - Лидерот на партијата Движење самоопределување, актуелниот косовски премиер, Албин Курти доби нов четиригодишен мандат на чело на таа владејачка партија. Nа вчерашните внатрешни партиски избори, како единствен кандидат, Курти доби 98 насто од гласовите, против него гласале 0,89 насто, додека 0,51 насто не се изјасниле.

ЕУ - Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик оцени дека потпишувањето на „консултативниот план“ од страна на министерствата за надворешни работи на Русија и Србија е „удар“ врз процесот на пристапување на Западен Балкан во Европската унија. Тој на Твитер изјави дека како поддржувач на сите чекори кон европска Србија, смета дека „вестите за планираните консултации меѓу Србија и Русија се голем удар за процесот на приклучување кон Западен Балкан“. „Да бидеме јасни: Русија се мобилизира за да ја нападне Украина, земја кандидат за ЕУ. Русија го напаѓа проширувањето на ЕУ!“, рече Билчик.