Рама - Прекинот на дипломатските односи со Иран не е голема загуба за Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Вашингтон пост“ оцени дека прекинот на дипломатските односи со Иран, поради сајбер-напади, „не е голема загуба“ за неговата земја. Тој вели дека „абанската Влада ќе размисли за обновување на односите со Иран само кога Иран ќе биде слободен”, бидејќи, како што рече, „Иран повторно ќе ја нападне Албанија”.

Што се знае за хакерската група која напаѓа во Албанија?

Според Рама, иранските хакери планирале да уништат 95 отсто од онлајн владините услуги, но не успеале.

„Нашите согледувања сега се дека не успеаја да ја уништат инфраструктурата. Услугите се вратија. Тие добија некои услуги, но практично не беа од некоја посебна важност. Албанија немаше значајни односи со Иран, па затоа прекинот на дипломатските односи не беше голема загуба“, изјави Рама.

Тој додаде дека другите земји „можеби ќе можат да го прифатат пристапот што го направи Албанија“.

Шефот на албанската влада и во обраќањето пред Генералното собрание на ОН ја повика светската организација да го сврти погледот кон сајбер- безбедноста. Тој ги повика ОН, вклучително и Советот за безбедност, да се фокусираат посериозно и поконкретно кон кибер- безбедноста преку инвестирање во превенција и помагање за сите земји-членки да изградат отпорност.