Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека Македонија нема да ги признае референдумите во четири украински региони за приклучување кон Русија. Тој додаде дека ние не сме неутрална страна, туку сме директно загрозени од уривањето на меѓународните принципи кое доведува до, како што вели, „правила на џунглата“. Шефот на дипломатијата повтори дека Русија извршила агресија во Украина, но и агресија над меѓународното право.
„Важно е Украина да победи во оваа војна, а Република Северна Македонија нема да признае манипулативни референдуми. Тие се манипулативни за да имаат алиби за своеволно анектирање на туѓи територии“, кажа Османи на денешниот брифинг за новинарите.
Србија не ги прифаќа резултатите од референдумите во украинските региони
Османи вели дека преку нарушувањето на безбедносната структура и интегритетот – и земјава е во опасност, како и сите мали држави, поради можноста во иднина некој поголем сосед да го следи примерот на Москва организирајќи референдуми за анексија.
„Важно е да се зборува за кршењето на меѓународното право со воената агресија на Русија врз Украина, зашто нас малите земји нè штити тоа право. Што ако утре на секој голем сосед му текне да нападне помала земја и да си земе територија?”, рече Османи загрижен дека нуклеарната војна станала вообичаен и за жал секојдневен вокабулар во војната меѓу Русија и Украина.
Министерот Османи исто така додаде дека е опасно што во јавниот дискурс сè почесто се споменува терминот „нуклеарна војна“. Тој вели дека психолошката бариера за споменување на овој израз во дневната политика е веќе помината, што нè доведува чекор поблиску до таква можност и за тоа треба да бидат алармирани сите.