Хил- САД очекува Србија да објасни што договорила со Русија

Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил денеска изјави дека очекува до Србија да објасни каков документ за соработка потпишала со Русија, по разговорите во ОН во Њујорк. Ова денеска Хил го изјави на прес конференција по отворањето на регионалниот форум „ Добро управување и антикорупциски политики во време на геополитичка неизвесност“ . Тој посочи дека не е потполно јасно што содржи тој документ но „ во овој момент никој не треба да потпишува ништо со Русија“.

„ Никој не треба ништо да потпишува со Русија. Тешко ни е да разбереме, но очекуваме објаснување“ изјави Хил.

Хил изјави дека САД сака да слушне што е тоа што го сака Србија со потпишувањето на договор со држава која „брутално го нападна својот сосед “ и која му се заканува на светот со употреба на нуклеарно оружје.

Вучиќ – Србија нема да гласа за исклучување на Русија од Советот за безбедност на ОН

Тој додаде дека САД ја подржуваат Србија во нејзиниот пат за членство во ЕУ, како и во ослободување од енергетската зависност од Русија, која се заснова на уцени. Но, помошта од САД во овој сегмент ќе зависи од барањето на Србија.

Министрите за надворешни работи на Србија и Русија Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров во петокот на 23 септември во Њујорк во руската канцеларија на ОН на маргините на Самитот потпишаа „технички документ “ за консултација на министерствата за наредните две години.

Србија е исто така цел на остри критики во ЕУ затоа што не усвои санкции против Русија, а го остави отворен и својот воздушен простор за оваа земја.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека „не блефира“ кога рече дека Русија ќе биде подготвена да употреби нуклеарно оружје за да го одбрани својот територијален интегритет. Русија ја нападна Украина на 24 февруари годинава.