Истражување: Најбогатите најмногу го загадуваат Скопје

Аерозагадување во Скопје

Додека енергенсите драматично поскапуваат во пресрет на претстојната зима, многу граѓани во Скопје ќе се соочат со проблеми како да ги затоплат своите домови. Голем дел од овие граѓани живеат во сиромаштија и социјална исклученост и немаат пристап до струја или централно греење. Но, сепак тие не се најголеми загадувачи на главниот град, туку оние кои имаат најголеми примања, над 40 илјади денари месечно, главно поради нивните навики и количините кои ги конзумираат.

Ова се резултати добиени од истражување на граѓанската организација Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) насловено „Справување со загадувањето на воздухот преку минимизирање на енергетската сиромаштија и промовирање на про-еколошко однесување“, изработено со помош на УНДП и Шведската амбасада во Скопје.

Презентирање на резултатите од истражувањето на граѓанската организација Македонска платформа против сиромаштија.

Истражувањето е направено врз основа на анкета со 1.003 испитаници во Скопје, а во кое се анализира поврзаноста на енергетската сиромаштија, загадувањето на воздухот и про-еколошкото однесување во три социо-еколошки профили на луѓе: правата група на луѓе со приход до 25.000 денари во семејство, втората меѓу 25.000 и 40.000 денари во семејство и третата со над 40.000 денари во семејство месечно.

„Разликите се многу големи, и во однесувањето спрема потрошувачката на енергија, меѓутоа се огромни и во однос на изборите и можностите коишто тие ги имаат. Ние во анализата се водевме по методот: можности, мотивација и избор и заклучивме дека сегашните мерки за намалување на загадувањето не се доволни, бидејќи не ја таргетираат целата популација и само еден дел од неа може да искористи дел од мерките“, рече Билјана Дуковска – претседателка на Македонска платформа против сиромаштија.

Ива Петрунова е архитект и урбан социолог која учествувала во истражувањето. Таа вели дека не е точен впечатокот во јавноста дека најмногу загадуваат граѓаните кои се најзагрозени и кои најчесто се обвинувани за лошиот квалитет на воздухот.

„Овие граѓани немаат интернет, немаат телефони... Не дека не сакаат, туку не можат тоа да си го дозволат. Во 21 век имаме граѓани кои не можат да платат сметка за телефон и интернет“, вели Петрунова.

Кај групата со примања до 25 илјади денари има луѓе кои воопшто немаат пристап до никаков извор на енергија и кои се најмногу обвинувани дека го загадуваат воздухот во Скопје, на пример со горење на гуми, без можност постојано да употребуваат енергија или до централно греење, велат од организацијата, рекоа на дебатата. Овие се изоставени од мерките за намалување на загадувањето.

Втората група малку внимава на штедење, бидејќи немаат доволно ресурси да ги покријат сите нивни барања, се вели во истражувањето.

„Третата категорија над 40 илјади денари се луѓе кои имаат, можат и трошат, и пари и енергија. Тие се најголемите загадувачи заради тоа што тоа го прават по избор, а не заради неможност и кај нив најмногу треба да се влијае на промена на свеста од аспект на тоа да ги подобрат навиките, да не бидат конзумеристи, туку да се грижат за себе и околината“, рече Дуковска.

Резултатите од истражувањето покажале дека недостига рамномерен развој на градот, подобра инфраструктура, поголемо интер-секторско работење и државна и локална инвестиција и интервенција, првенствено во системи за греење, системи за зелена енергија и можности за пристап на сите граѓани рамноправно и солидарно еднакви, квалитетни и достоинствени услови за живот.