Јужна Кореја и САД денеска ги започнаа своите први заеднички поморски вежби во последните пет години во близина на Корејскиот полуостров, еден ден откако Северна Кореја лансираше балистичка ракета со краток дострел. САД се воен сојузник на Јужна Кореја, каде што се стационирани околу 28.500 американски војници за да ја заштитат земјата од северниот сосед вооружен со нуклеарно оружје. Конзервативниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јол, кој дојде на власт во мај, се обидува да го зајакне тој воен сојуз по неуспешните напори на претходната јужнокорејска влада да постигне дипломатско зближување со Пјонгјанг.
Северна Кореја испука балистичка ракета
За време на четиридневните вежби ќе бидат ангажирани повеќе од 20 бродови, меѓу кои и американскиот носач на авиони на нуклеарен погон УСС Роналд Реган, како и бројни борбени авиони и хеликоптери. Вежбите започнаа еден ден откако Пјонгјанг изврши тестирање на балистичка ракета, само последен во долгата серија тестови што започнаа пред неколку месеци. Северна Кореја, која е под меѓународни санкции поради своите програми, на почетокот на септември усвои нова доктрина со која изјави дека никогаш нема да се откаже од своето нуклеарно оружје. Вашингтон и Сеул веќе подолго време организираат заеднички воени вежби. Тие истакнуваат дека вежбите се од целосно одбранбен карактер, но Северна Кореја ги смета за генерална проба „за идна инвазија“ на нејзините територии.