Коалицијата составена од партијата на Џорџа Мелони – Браќа на Италија, партијата Лига на Матео Салвини и партијата Напред Италија на Силвио Берлускони може да смета на 227 до 257 места или на апсолутно мнозинство во парламентот со оглед на тоа што освоила меѓу 41 и 45 отсто од гласовите, покажуваат излезните резултати од вчерашните избори во Италија. Тоа, според резултатите, би значело дека оваа коалиција е на пат да формира нова влада во Италија. Според излезната анкета што ја објави РАИ, левицата предводена од Енрико Лета добива меѓу 78 и 98 места со освоени 25,5-29,5 % од гласовите. Движењето Пет ѕвезди на Џузепе Конте е на третото место со 36-56 пратеници или освоени 13,5-17,5 % од гласовите.
Фон дер Лајен упати предупредување до италијанската десница
Резултатите од изборите во Италија би можеле значително да се одразат на односите внатре во Европската унија, но и кон Русија поради блиските врски на лидерите на партиите од десничарскиот блок со Владимир Путин. Политичките почетоци на Џорџа Мелони се поврзани со неофашистичка младинска организација. За разлика од претходно, Мелони повеќе не сака да ги напушти Европската Унија и еврозоната. Таа ја осуди руската агресија врз Украина, но го поздравува Брегзит и ги поддржува Полска и Унгарија во спорот за владеењето на правото. Во пресрет на изборите, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја предупреди Италија за последиците доколку отстапи од демократските принципи.