Евакуација на Филипини поради силен тајфун

Архивска фотографија: Поплави на Филипините што уследија по силен тајфун во 2014 година

Поголемиот дел од Филипините се наоѓа во состојба на готовност поради тајфунот Нору, кој ги погоди источните острови на таа земја.

Тајфунот Нору, со ветер со брзина до 240 километри на час, ги погоди островите Полило и се движи на запад, кон главниот остров Лузон.

Тоа би можело да предизвика свлечишта, поплави и опасни бури, а ризици има и за главниот град Манила. На жителите на високоризичните области им е кажано да се евакуираат.

Брзината на ветрот за само еден ден порасна за 90 километри на час.

Филипинската метеоролошка служба објави највисок степен на предупредување, кој тајфунот Нору го означи како супертајфун.

Шефот на националната полиција Родолфо Азурин ги повика граѓаните да се придржуваат до наредбата за евакуација.

Во провинцијата Куезон, источно од Манила, на рибарите им е забранет риболов, а одредени подрачја останаа без струја. Авионските летови и траектите се откажани.

Филипини, архипелаг со над 7000 острови во Тихиот Океан, се многу чувствителни на невремиња. Околу 400 луѓе загинаа во декември 2021 година, кога тајфунот Раи ја погоди таа земја.