Руските војници кои ќе се предадат во Украина ќе бидат третирани на „цивилизиран начин“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во ноќното обраќање до нацијата.
Зборувајќи на руски јазик, Зеленски ги повика Русите да се предадат и да избегнат ризик по војната да им се суди како на воени злосторници.
„Украина кон дезертерите ќе постапува во согласност со меѓународните конвенции и нема никого да врати во Русија доколку се плаши од последиците. Подобро да се предадат отколку да загинат од нашето оружје“, рече Зеленски.
- Втор ден од монтираните референдуми во украинските региони под контрола на Кремљ
- Путин нареди делумна мобилизација
Неговиот повик доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат построги казни за руските војници кои дезертираат или не постапуваат според наредбите.
Путин на 24 септември потпиша амандмани со кои се заоструваат казните за дезертерите и за оние кои одбиваат да се борат на до 10 години затвор, само неколку дена откако нареди „делумна“ мобилизација поради неодамнешните руски воени губитоци во Украина.
Во изминатите денови во Русија ескалираа протестите поради одлуката за „делумна мобилизација“ на дополнителни 300 илјади војници.
Руската организација за човекови права ОВД-Инфо соопшти дека вчера биле приведени 700 луѓе, додека повеќе до 1000 луѓе биле уапсени оваа недела.
Потезите на рускиот претседател, Западот ги смета за обид за повторно преземање на иницијативата откако неговите сили претрпеа неуспех на бојното поле.
Со друг закон потпишан вчера се олеснува пристапот до руско државјанство за странците кои ќе се пријават во војска.
Во меѓувреме, во четири украински региони окупирани од Москва, од 23 до 27 септември, се одржуваат монтирани референдуми за припојување кон Русија. Референдуми се одржуваат во украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.
Украина и Западот ги осудија гласањата како недемократски, а во неколку извештаи е предупредени на заплашување на локалното население кои руските војници го принудуваат на гласање.