Бурата Фиона уништи куќи и урна далноводи во Канада

Подготовки за бурата Фиона во Халифакс

Бурата Фиона, која изминатите денови ја погоди Канада, урна далноводи и уништи неколку куќи. Силното невреме го зафати источниот дел на Канада, со ветар со јачина на ураган, скоро седум дена откако помина преку Карибите.

Поради невремето, вчера околу 500 илјади потрошувачи на источниот атлантски брег на Канада останаа без струја, а силните ветрови и дождот оштетија домови. Ветрот дувал со брзина до 160 километри на час.

Предупредување за тропска бура беше издадено за атлантските области Нова Шкотска, Островот на Принцот Едвард, Њуфаундленд и Њу Брунсвик, како и за делови на Квебек.

Војската е распоредена во Нова Шкотска за да помогне во операциите за расчистување.

Канадскиот премиер Џастин Трудо го одложи планираното патување во Јапонија, каде што требаше да присуствува на државниот погреб на поранешниот премиер Шинзо Абе.

Фиона се трансформираше од ураган во посттропска бура доцна во петокот, но метеоролозите предупредија дека и понатаму би можела да донесе ветрови со ураганска јачина, дождови и огромни бранови.

Метеоролозите претходно предупредија дека тоа би можело да биде една од најсилните бури кои ја погодиле Канада.