Во последниве две години партиските органи не се активни, одлучувањето стана индивидуална сопственост, не сме веќе добро организирана и структурирана партија... Ова меѓу другото го пишуваат десетина истакнати членови на ДУИ, поранешни и сегашни функционери, во писмото до партискиот лидер Али Ахмети, пренесува ТВ Клан. Писмото, на албански јазик, е објавено и на Фејсбук профилот на градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу.
Потписници на писмото, меѓу другите, се и пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, поранешниот вицепремиер Муса Џафери, поранешниот министер за правда Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта, како и уште десетина членови.
„Во ДУИ веќе нема дебата и консултација со партиската база. Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Поради нефункционалноста на организираниот живот на ДУИ, констатираме дека има пад на поддршката за партијата (последните избори во Тетово). Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во писмото и се истакнува големиот револт на најзаслужните членови на партијата за нејзините досегашни победи.
Потписниците бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на оваа состојба и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт. Тие бараат претседателот на ДУИ, Али Ахмети, да ги искористи своите политички и статутарни овластувања и да најде решение за зачувување на партиското единство.