Француски пратеници бараат истрага за руско финансирање на политички партии

Претседателката на Долниот дом на Парламентот, Жаел Брoн-Пиве.

Членови на француското Национално собрание побарале од претседателот на Долниот дом на Парламентот да формира комисија што треба да ги истражи наводите за руско финансирање на политички партии.

Пратеници на 24 септември пред новинарите го покажаа писмото што го испратиле до претседателката на Долниот дом на Парламентот, Жаел Брoн-Пиве.

Нивниот потег уследи откако неодамна беа декласифицирани американски разузнавачки информации кои покажуваат дека Русија платила стотици милиони евра на странски политички партии „со цел да влијае на избори“.

Осум пратеници, од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Република во движење“, која деновиве беше преименувана во „Преродба“, исто така истакнаа дека екстремно десничарската Национална партија на Марин Ле Пен сè уште го отплаќа заемот доделен од руските банки.

„Овие факти јасно укажуваат на руската волја да се одмери и во француската јавна дебата. Тоа налага да се формира истражен комитет за да се утврди дали француските политички партии, и кои од нив, имаат корист од руското финансирање“, напишаа пратениците.

САД: Русија потрошила над 300 милиони долари за тајно влијание врз светската политика

Американскиот Стејт департмент на 13 септември соопшти дека Русија од 2014 година наваму тајно потрошила повеќе од 300 милиони долари на напорите да влијае врз политичари и други функционери во повеќе од дваесетина земји.

Во извештајот не се посочени конкретни руски цели, но се вели дека Русија најверојатно сè повеќе ќе се насочи кон тајно политичко финансирање за да ги поткопа меѓународните санкции што и беа воведени поради нејзината војна во Украина.

Русија јавно не го коментираше ова прашање.