Ковачевски – Реално е да станеме членка на ЕУ до 2030 година

Премиерот Димитар Ковачевски

Согласно темпото со кое се работи сметам дека е реално земјава да стане членка на Европската унија до 2030 година, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Имавме период од 17 години кандидатски статус. Владата на СДСМ со коалиционите партнери работеше изминатите 5 години за усогласување на законодавството со она во ЕУ. Во моментов имаме 45% усогласено законодавство со ЕУ. Веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од Владата, имаме назначено главен преговарач. Вклучени се во преговорите и академската заедница и невладиниот сектор. Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ“, вели Ковачевски.

Тој предупреди на руски активности за поткопување на македонските евроинтеграции и обвини дека политичката партија Левица има отворена соработка со партии од Русија, но оти е загрижен од однесувањето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ „кое секогаш се противи на стратешките интереси на државата“.

Левица и ВМРО-ДПМНЕ се противат на условите за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ и бараат референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат.

Бугарија стави вето на почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, по што дел од бугарските барања за историјата влегоа во преговарачката рамка.

Отворањето на поглавјата во преговорите ќе почнат кога Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот, но ВМРО-ДПМНЕ и Левица се противат на тоа.