Европската унија (ЕУ) мора сериозно да ги сфати заканите на рускиот претседател Владимир Путин за тоа дека би можел да употреби нуклеарно оружје во судирот во Украина, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во интервју за Би Би Си денеска, тој оцени дека војната достигнала „опасна точка“.
Борел ова го изјави во време кога Русија почнува делумна мобилизација и се спрема да припои четири украински области каде што проруските власти организираат референдуми за приклучување кон Русија.
„Секако, ова е опасен момент затоа што руската војска е дотерана во ќош, а реакцијата на Путин, дека ќе употреби нуклеарно оружје, е многу лоша“, рече Борел.
Во обраќањето до нацијата претходно оваа недела, Путин рече дека неговата земја има „разно разорно оружје“ и дека „ќе ги употреби сите расположливи средства кои ѝ се на располагање“, додавајќи дека „тоа не е блеф“.
„Кога луѓето велат дека тоа не е блеф, мора да ги сфатите сериозно“, рече Борел.
Тој ја отфрли загриженоста дека залихите на оружје во ЕУ се ниски и рече дека Унијата мора да продолжи да ѝ пружа воена помош на Украина и економски санкции против Русија, како и да спроведува дипломатска активност.
Путин е соочен со порази на бојното поле, со руските сили потиснати во украинската контраофанзива.
Силите на Путин е во лоша положба, се согласуваат аналитичарите, но Борел рече дека мора да се дојде до „дипломатско решение“ кое го чува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Инаку, би можеле да ја завршиме војната, но нема да имаме мир и ќе имаме уште една војна“, рече Борел.
Тој призна дека порастот на цените на енергенсите предизвикан од војната е загрижувачки.
Високиот претставник на ЕУ го повика Путин да ја одигра својата улога во постигнувањето решение преку преговори, додавајќи дека „за танго се потребни двајца“.
„Секој кој отишол во Москва, во Кремљ, да разговара со Путин, се вратил со истиот одговор – Јас (Путин) имам воени цели и ако не ги добијам тие воени цели ќе продолжам да се борам. Тоа секако е загрижувачка насока, но ние мора да продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Борел.