Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика светот да ги осуди „псевдореферендумите“, откако функционерите поддржани од Кремљ во четири делумно окупирани региони во Украина почнаа монтирани референдуми за приклучување кон Русија.
„Светот ќе реагира апсолутно праведно на псевдореферендумите – тие ќе бидат недвосмислено осудени“, рече вчера Зеленски во обраќањето до нацијата.
„Тоа не е само злосторство против меѓународното право и украинското право, тоа е злосторство против еден народ“, рече тој.
Администрацијата под контрола на Москва, во регионите Луганск и Доњецк во источна Украина, и во Херсон и Запорожје на југот на земјата од вчера спроведува гласање за приклучување кон Русија.
Гласањето ќе трае до 27 септември.
Гласањето е во спротивност со Повелбата на Обединетите нации (ОН), зашто се одржува во воени услови.
Украинските претставници рекоа дека на луѓето им е забрането да напуштаат некои од окупираните подрачја додека гласањето не заврши. Tие рекоа дека вооружени групи доаѓаат во домовите на луѓето и ги принудуваат да гласаат, додека на вработените им се заканува отпуштање ако не учествуваат на референдумите.
Гласањата во регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје беа организирани на брзина, откако Украина во контраофанзива повторно ја презеде контролата врз делови од североистокот на земјата.
Русија тврди дека референдумите им нудат прилика на луѓето да го изразат своето мислење.
Украина, западните лидери и ОН го осудија гласањето како нелегитимен чекор кој води до нелегална анексија на територии. Нема независни набљудувачи, а голем дел од предвоеното население избега.
Соединетите Американски Држави се спремни да воведат дополнителни санкции против Русија, во соработка со своите сојузници, ако Русија тргне во анексија на делови од украинската територија, соопшти Белата куќа.
НАТО ќе ја засили својата помош за Киев, како одговор на „лажните“ референдуми, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.