Најмалку 35 загинати на протестите во Иран

Протести поради смртта на 22-годишна девојка во притвор во Иран

Најмалку 35 луѓе загинале во Иран за време на протестите кои траат повеќе од една недела, а кои избија поради смртта на 22-годишна девојка која беше уапсена од полицијата за морал, зашто наводно не се придржувала до правилата за облекување, јавија иранските државни медиуми, пренесува Франс прес.

„Бројот на луѓе кои загинаа во неодамнешните нереди во земјата се искачи на 35 луѓе“, објави синоќа новинската агенција Борна, која е поврзана со владата.

Официјалниот број на загинати претходно беше 17, меѓу кои и петмина припадници на силите за безбедност.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Иран ги ограничи социјалните мрежи по протестите поради смртта на Махса Амини

Демонстрантите вчера осма ноќ по ред излегоа на улиците на големите градови ширум Иран, вклучително и во Техеран.

Од друга страна, вчера во Иран беа одржани и провладини протести во знак на поддршка на силите за безбедност кои ги разбиваа протестите на граѓаните.

Како почнаа протестите?

Махса Амини (22) почина во притвор на 16 септември, три дена откако полицијата за морал ја приведе поради наводно прекршување на правилата за облекување, зашто ја носела хиџаб марамата на „неприкладен начин“.

Полицијата за морал е единица одговорна за спроведување на строгиот кодекс за облекување на жените во Исламската република.

Иран делумно го ограничи пристапот до интернет и до платформите на социјалните мрежи додека протестите поради смртта на 22-годишната девојка се проширија во најмалку 50 градови.

Активистите велат дека Амини во притвор добила удар во глава, поради што паднала во кома, но иранските власти, кои отворија истрага, не го потврдија тоа.

Министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди денеска рече дека Амини не била претепана.

Министерот рече дека владата ги истражува причините за смртта на девојката, додавајќи дека „мора да се почека конечното мислење на лекарите, за што е потребно време“.

Вахиди ги критикуваше „оние кои зазеле неодговорни позиции... поттикнувале насилство и ги следеле САД, европските држави и антиреволуционерните групи“.

Смртта на девојката повторно го разгоре незадоволството поради ограничувањето на личните слободи во Иран, вклучувајќи го и строгиот кодекс за облекување на жените, како и од економијата погодена од санкциите.

Иранските верски водачи стравуваат од оживување на протестите од 2019 година, кои избија поради поскапувањето на бензинот – најкрвавите во историјата на Исламската Република.