Вучиќ – Србија нема да гласа за исклучување на Русија од Советот за безбедност на ОН

Обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ пред Генералното собрание на ОН

Српскиот претседател Александар Вучиќ, зборувајќи пред српските новинари во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, рече дека е речиси сигурен дека западните сили ќе се обидат да ја исклучат Русија од Советот за безбедност на Обединетите нации.

„За тоа е потребно двотретинско мнозинство. Србија нема да гласа за тоа“ , рече Вучиќ.

Според него, тоа би било уривање на постојниот меѓународен поредок.

„За тоа им е потребно Кина да биде воздржана или да не стави вето“, објасни Вучиќ

„Тоа не е ниту далеку ниту невозможно, и наголемо се разработуваат плановите по ова прашање. И тоа е катастрофа за нас, барем што се однесува до Косово. Пред нас се тешки времиња и голем товар“, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на 77. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Пред средбата, тој за медиумите изјави дека Србија досега не воведе санкции против Русија, и оти се надева дека нема ни да воведе.

Западните земји воведоа жестоки санкции против Русија по руската инвазија врз Украина која почна на 24 февруари. Србија е една од ретките земји во Европа која не се придружи на санкциите.

Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел претходно во Њујорк изјави дека Русија треба да биде суспендирана од членството во Советот за безбедност на ОН.

„Кога државата со статус на постојана членка во Советот за безбедност ќе започне неиспровоцирана и неправедна војна, војна која е осудена од Генералното собрание, таа автоматски мора да биде суспендирана од Советот за безбедност“, рече Мишел.

Тој нагласи дека правото на вето во Советот за безбедност треба да биде исклучок, а не правило кое се практикува во последно време и повика на реформи во ОН.

Кина, САД, Франција, Велика Британија и Русија имаат постојано членство во Советот за безбедност на ОН, со право на вето на резолуциите. Тоа тело го сочинуваат уште 10 земји кои се избираат од секоја регионална група на две години.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн од говорницата на Генералното собрание на ОН побара да се укине ветото во Советот за безбедност.