Како дел од серијата посети на европски пратеници од вчера во земјава се двајцата европратеници Тинеке Стрик и Рајнхард Битикофер.
Тие денеска на прес-конференцијата во Собранието порачаа дека пристапниот процес не треба да се злоупотребува од страна на држави-членки на ЕУ.
„Да се осигурaме дека нема злоупотреба од страна на држави земји членки на ЕУ коишто злоупотреби се наметнуваат на оние коишто се надвор од клубот. Ние ќе направиме притисок, ќе ја притиснеме Комисијата и земјите членки и партиите во Европскиот парламент да нема нерелевантни основи за натамошен тек на преговорите за членство“, рече европратеничката Тинеке.
Таа нагласи дека „францускиот предлог“ и високиот притисок донесе одредена поларизација во општеството и намалена доверба во ЕУ дури и кон Владата и смета дека е потребно како што вели, „сите заедно да работиме да ја повратиме довербата“.
Северна Македонија на самит на Европската политичка заедница
Европратеникот Бутикофер пак одговарајќи на новинарско прашање во однос на условот за уставни измени пред почеток на преговорите по поглавја истакна дека за него главно прашање е „дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една по една“.
„Слушнав некои шеги за вклучување на Јапонците и Монголците во Уставот. И мислам дека ова не е проблем. Мислам дека проблемот, прашањето е дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една за друга, една по една. Ова не би било во духот на Европа и нема да биде во духот на она што ветија експлицитно одредени држави“, истакна Бутикофер.
И двајцата доаѓаат од групација на Зелените во Европскиот парламент, која е силен поддржувач на евроинтеграциите на Македонија.