Прво медијација, а потоа штрајк најавува Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ доколку Владата не ги исполни барањата за покачување на платите во високото образование.
Претседателот на Синдикатот, проф. д-р Ангел Ристов, вели дека иако уште минатиот месец им била најавена средба со премиерот, сѐ уште не се повикани во Владата.
„Медијацијата е еден правен лек кој ги интензивира преговорите на договорните страни. Тогаш има законска обврска договорната страна, конкретно Собранието, со посредник медијатор да ги отпочне или продолжи преговорите кои застанаа токму кај процентот на покачувањето на платите, изјави претседателот на Синдикатот на УКИМ (Универзитет Св. Кирил и Методиј) за Македонската информативна агенција (МИА).
Универзитетски професори на протест, доцент има помала плата од просечната
Синдикатот бара потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да стигнат на ниво од 100-процентно покачување.
За овие барања на 2 јуни беше одржан предупредувачки протест пред Ректоратот, а се планираше и мирен протест пред Владата, но се откажа откако Синдикатот доби ветување дека барањата ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.
Најавите за медијација па штрајк нема да го загрозат почетокот на академската година, велат од синдикатот.