Претседателот на независната истражна комисија за Украина Ерик Мосе денеска изјави дека Комисијата заклучила оти во Украина биле извршени воени злосторства врз основа на доказите собрани од четири региони во таа земја. „Врз основа на доказите собрани од Комисијата заклучи дека во Украина се извршени воени злосторства“, изјави Мосе пред Советот за човекови права со седиште во Женева.
Чешка бара формирање на специјален меѓународен суд по откривањето на масовната гробница во Украина
Комисијата, формирана во мај за да ги истражи злосторствата во руската војна во Украина, презентираше опсежни наоди во кои се наведени прекршоци извршени за време на војната, започната од Москва на 24 февруари. Мосе рече дека неговите експерти во комисијата примиле и документирале „веродостојни наводи во врска со многу повеќе случаи на егзекуции“. Во наодот на Комисијата се цитираат сведоштва на поранешни затвореници во руските притворски установи, во кои се наведени тепања, електрични шокови и присилна голотија. Панелот, исто така, изрази голема загриженост за егзекуциите во регионите Киев, Чернихив, Харков и Суми -- сите претходно окупирани од руските сили.
Хјуман рајтс воч ја обвини Русија за „воени злосторства“ во Украина
Мосе истакна дека е откриено дека голем број руски војници извршиле полови и сексуални злосторства врз луѓе на возраст од 4 до 82 години. „Бевме погодени од големиот број егзекуции во областите што ги посетивме. Комисијата во моментов истражува такви смртни случаи во 16 градови и населби“, додаде тој. И покрај сè поголемите докази за спротивното, Русија постојано негира дека таргетирала цивилна инфраструктура и станбени области, додека ја обвинува Украина за малтретирање на руските воени заробеници.