Британското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили обезбедиле мостови на источниот брег на реката Оскил во источниот дел на регионот Харков, каде што руските сили се обиделе да воспостават консолидирана одбранбена линија по нивното избрзано повлекување пред украинската офанзива. Оскил тече јужно до реката Сивиерски Доњец, која го преполовува регионот Луганск кој заедно со Доњецк го сочинуваат она што е познато како Донбас. Министерството во својот дневен билтен за разузнавање на 23 септември соопшти дека ситуацијата на бојното поле и понатаму е сложена во источна Украина, но украинските сили сега вршат притисок врз областите што Русија „смета дека се неопходни за нејзините воени цели“.
Во меѓувреме, Генералштабот на вооружените сили на Украина на утринскиот брифинг на 23 септември извести дека руски генерал-мајор бил ранет во близина на Сватовој во областа Луганск. „Непријателот продолжува да трпи загуби, особено меѓу неговото раководство“, се вели во соопштението на Генералштабот. „Според моментално достапните информации, командантот на 144-та моторизирана дивизија на 20-та комбинирана армија, генерал-мајор Олег Цоков е ранет како резултат на огнот во реонот на населбата Сватове“, се вели во соопштението. Украинската војска соопшти дека руските окупатори насилно мобилизираат мажи од териториите под нејзина контрола „за да ги надополнат загубите во жива сила“.
Во услови на неуспеси во Украина, Путин го подигна нивото на закана. Дали е тоа блеф?
Рускиот претседател Владимир Путин најави делумна воена мобилизација во услови на очигледни големи кадровски загуби во неиспровоцираната инвазија врз Украина што Москва ја започна во февруари. Генералштабот на Украина соопшти дека од 22 септември руските сили изгубиле околу 55.510 војници во војната. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу на 21 септември изјави дека Русија изгубила 5.937 војници од почетокот на војната.