Ердоган свика состанок за плаќањата на рускиот Мир и можните санкции

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за денеска свика состанок фокусиран врз економијата на највисоко ниво на кој ќе се разговара за рускиот платен систем Мир и можните западни санкции, јавува Ројтерс. На состанокот со владини и други претставници ќе се зборува и за договорите со Русија, неодамнешната голема нестабилност на берзата во Истанбул и општата економска ситуација, рекоа изворите, кои побараа анонимност. Две приватни турски банки, Денизбанк и Исбанк, ја суспендираа употребата на Мир оваа недела, откако Вашингтон ги прошири своите санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, вклучително и таргетирање на шефот на ентитетот што го води платниот систем.

Ердоган: Не треба да се потценува Русија

Членката на НАТО Анкара се противи на западните санкции кон Русија и има блиски врски и со Москва и со Киев, нејзините соседи во Црното Море. Таа, исто така, ја осуди руската инвазија и испрати вооружени беспилотни летала во Украина како дел од нејзината дипломатска рамнотежа. Сепак, западните земји се загрижени поради зголемените економски врски меѓу Турција и Русија, велат дипломатите, особено по неколку состаноци меѓу Ердоган и претседателот Владимир Путин, вклучително и минатата недела во Узбекистан. Претходно во четвртокот, шефот на рускиот национален систем за плаќање со картички рече дека банкарските картички Мир продолжуваат да работат во Турција, и покрај тоа што двете банки ги суспендираа.